Запознавање на најмладите со делото на Блаже Конески преку игра, истражување и интерактивни активности.
Ова е идејата зад „Отворениот викенд“ кој НУ Завод и музеј – Прилеп го подготвува за овој викенд во Спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово.
Настанот е продолжение на минатогодишната програма, преку која учениците преку креативни активности, перформанси и други содржини се запознаваа со детството и ученичките години на Конески.
Овојпат, покрај активностите во Спомен-домот, најмладите ќе добијат и нешто што ќе можат да го понесат со себе и понатаму да го користат како начин за запознавање со животот и делото на Конески.
Музејот подготвува посебна интерактивна публикација – прирачник наменет за деца, кој преку интересни содржини, лепенки и можност за дополнување е замислен да ги поттикне самите да истражуваат и учат.
Целта е преку вакви содржини Блаже Конески да им биде поблизок на најмладите – не само како голем македонски јазичар и писател, туку и преку неговото детство, животната приказна и времето во кое растел и творел.
„Отворениот викенд“ ќе се одржи идниот викенд во Спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, а од Музејот ги повикуваат децата и нивните родители да бидат дел од активностите.




