Прилепчанецот Оливер Димоски, заменик-градоначалник на локалната самоуправа Џорџес Ривер во Сиднеј, оствари средби со градоначалниците на Прилеп и Охрид, на кои се разговарало за можностите за соработка и поврзување со македонската дијаспора.
Оливер Димоски, кој живее и работи во Австралија, ја извршува функцијата заменик-градоначалник на локалната самоуправа Џорџес Ривер во Сиднеј. Тој е и советник во општинскиот совет, каде што го претставува регионот Блејкхерст, а во изминатите години бил и претседател на Прилепското друштво во Сиднеј.
За време на престојот во Македонија, Димоски оствари средба со градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски. Според објавата на Проданоски, на средбата се разговарало за можностите за поврзување и соработка, како и за улогата на иселениците во зачувувањето на врските со родниот град и промоцијата на Прилеп.
Димоски се сретнал и со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Во фокусот на разговорите биле можностите за соработка и зајакнување на врските меѓу локалните заедници и македонските иселеници во Австралија.
Средбите претставуваат можност за воспоставување понатамошни контакти и развивање соработка меѓу Прилеп и македонската заедница во Австралија, со акцент на одржувањето на врските со родниот крај и промоцијата на локалните потенцијали.



