Шест фолклорни ансамбли од Македонија и Босна и Херцеговина ќе ги претстават традиционалните ора и носии на 17 октомври во Прилеп.
Фолклорот, традиционалните ора и народните носии ќе бидат во центарот на вечерта „Играме заедно“, која ќе се одржи на 17 октомври во Прилеп. На сцената во НУЦК „Марко Цепенков“ ќе настапат шест фолклорни ансамбли од Македонија и Босна и Херцеговина, под мотото „Убавината на различностите“.
Вечерта на фолклорот за деца и млади „Играме заедно“ ќе започне во 19 часот, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Публиката ќе има можност да проследи настапи на шест фолклорни ансамбли, кои преку традиционалните игри и народните носии ќе ја претстават разновидноста на фолклорното наследство.
Во програмата ќе учествуваат Фолклорната група „Вапчаров“ од Делчево, КУД „Охриѓанка“ од Охрид, КУД „Илинден“ од Кривогаштани, КУД „Младост“ од Кичево, КУД „Лазарица“ од Станари, Босна и Херцеговина, и прилепскиот КУД „Моминок“.
Ансамблите ќе се претстават со различни кореографии и народни игри. На програмата се „Јано Јанке“, „Малешевка и Раштак“, касапско оро, „Копација“, „Лесковац и Шопе“, како и „Тресеница и Калајџиско“.
Под мотото „Убавината на различностите“, настанот има за цел да поттикне дружење, запознавање со различните традиции и негување на културното наследство кај најмладите.
Настанот е во организација на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со поддршка на Министерството за култура и туризам.




