Читањето од најмала возраст носи придобивки, а соработката со училиштата е клучна.
Библиотеките одамна не се само чувари на книги, туку активни институции кои го спречуваат заборавот на колективната меморија. Во своето 80-годишно постоење, Градската библиотека „Борка Талески“ постојано работи на промоција на културното наследство, но и на значењето на книгата како општо добро, особено кај младите генерации.
И во време на современа технологија и разни дигитални платформи, Градската библиотека успева да ја задржи читателската публика, која редовно позајмува книги и ги користи библиотечните услуги. Квалитетната литература и редовната обнова на книжниот фонд се само некои од целите за кои се залага оваа јавна установа.
Младите го осознаваат светот преку јазичната комуникација, а читањето од најмала возраст носи бројни придобивки. Директорката на Градската библиотека „Борка Талески“, Ристеска, посочува дека соработката со училиштата е клучна за будење на интересот за читање кај новите генерации.
Книжниот фонд на библиотеката во моментов брои над 130.000 книжни единици. Заложбата на оваа јавна установа и во иднина останува преку организирање работилници, конкурси и културни промоции да се доближат книгите до најмладите читатели, а со тоа да се поттикне и развие нивниот творечки капацитет.




