Малите промени во секојдневното движење можат да придонесат за почисти и побезбедни градови.
Почнува Европската недела на мобилност, која од денеска до 22 септември се одбележува и во Македонија. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот апелира граѓаните, кога е можно, автомобилот да го заменат со пешачење, велосипед или јавен превоз, со цел почист воздух, помал сообраќаен метеж и побезбедни улици.
Европската недела на мобилност е кампања која поттикнува промена на секојдневните навики во движењето и избор на поодржливи и побезбедни начини на транспорт.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги повикува граѓаните, кога тоа е возможно, да го остават автомобилот и да пешачат, да користат велосипед или јавен превоз, како и да споделуваат превоз.
Од Републичкиот совет посочуваат дека ваквите навики придонесуваат за намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж, но и за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Во рамките на кампањата се упатува порака дека улиците треба да бидат безбедни за сите – пешаците, велосипедистите, децата и повозрасните лица.
Европската недела на мобилност годинава се одбележува од 16 до 22 септември, а од Републичкиот совет порачуваат дека и малите промени во секојдневното движење можат да придонесат за почисти и побезбедни градови.

