Руралните жени се повеќе се вклучуваат во економските процеси, но и понатаму е потребна поголема поддршка за нивна рамноправна застапеност во општеството.
И покрај бројните предизвици и ограничувања со кои се соочуваат, руралните жени се движечка сила во опстојувањето на македонските села, производството на храна и зачувувањето на традицијата. За значењето на економската сигурност и независност во подобрувањето на нивната општествена положба говориме во пресрет на 15 октомври – Светскиот ден на руралната жена.
Руралната жена денес е активна и вклучена во различни општествени и економски процеси. Покрај грижата за семејството, таа се повеќе се ангажира во развојот на бизниси, агротуризмот и заштитата на животната средина, учествува во донесувањето одлуки и придонесува за развојот на локалната економија.
Економската независност е еден од клучните фактори за подобрување на положбата и општествениот статус на руралната жена, истакнува Даниела Цветаноска, претседателка на асоцијацијата ЛАГ „Агро Лидер“, во пресрет на Меѓународниот ден на руралната жена.
Според Цветаноска, состојбите постепено се менуваат, а свеста кај руралните жени, особено во однос на образованието, е се поголема. Сепак, таа посочува дека е потребна поголема вклученост на жените од руралните средини во политичкиот, општествениот и социјалниот живот.
Светскиот ден на руралната жена се одбележува секоја година на 15 октомври, со цел да се истакне значајната улога на жените во развојот на земјоделството, руралната економија и зачувувањето на традицијата. По тој повод, преку едукативни работилници и саеми се промовираат нивните придонеси, но и потребата од создавање подобри услови за нивен економски развој и поголема општествена вклученост.



