Прилепскиот актер Александар Степанулески е добитник на наградата „Ристо Шишков“ за 2026 година за највисоко актерско остварување. Признанието го доби за улогата на Луков во претставата „Црнила“ на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“, во режија на Дејан Пројковски.
Во образложението, жирито го издвојува неговото силно сценско присуство и начинот на кој го гради ликот на Луков – човек кој ја покажува својата моќ и авторитет, но низ играта се откриваат и неговиот страв, зависност и морална разграденост.
За Степанулески ова е второ фестивалско признание годинава. На 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ја доби наградата „Димче Трајковски“ за машка епизодна улога за ликот на Симон во „Мачкина глава“ на Драмски театар – Скопје.
„Црнила“ на прилепскиот фестивал освои пет награди, а со новото признание од Струмица продолжува успешниот фестивалски пат на претставата и актерската екипа.




